Единствената непоразена екипа сезонава во англискиот лигашки фудбал игра во пониските лиги, поточно во седмата лига, позната како Северна Премиер лига, а тоа е Маклесфилд. Се работи за клуб којшто доаѓа од малото место Маклесфилд во покраината Чехир.
Овој клуб е наследник на легендарниот клуб Маклесфилд таун, кој е основан во далечната 1874 година, а згасна на 16 септември 2020 година, по одлука на Врховниот суд поради долг од над 500.000 фунти.
По гаснењето на тој тим беше формиран Маклесфилд, кој стартуваше со натпреварување во деветата лига според рангот во англиската фудбалска пирамида во август 2021 година. Маклесфилд успешно помина две сезони и промоција во две лиги напред, па сега е дел од Северна Премиер лига (седма лига), каде што се убедливо први на табелата.
По 16 одиграни мечеви, Маклесфилд има 14 победи и само две нерешени со гол-разлика од 36 дадени и само 11 примени голови и 44 освоени бодови. Второпласираниот Хебурн има 31 бод од 17 средби, што значи дека многу веројатно е дека Маклесфилд и оваа сезона ќе успее да обезбеди скок во една лига напред.