Само навивачите и фудбалерите на Јувентус не му се радуваат на СП бидејќи конечно ги замолкнаа критичарите

Единствени навивачи кои не му се радуваат на Светското првенство во Катар сигурно се тие на Јувентус бидејќи нивните фудбалери конечно влегоа во победнички ритам и покрај големите кадровски проблеми со коишто се соочуваат.

Пол Погба сè уште нема одиграно ниту една минута сезонава, Федерико Кјеза постепено се враќа по повредата, Анхел ди Марија почесто е повреден отколку што играл, слично е и со Леандро Паредес, а првиот напаѓач Душан Влаховиќ не одигра натпревар цели 20 дена.

Тоа се играчи од кои се очекува да бидат лидери на Јувентус, кој катастрофално ја започна сезоната и испадна од Лигата на шампионите, но во последните 30-тина дена влезе во одлична форма и забележа дури шест победи, по што критичарите замолкнаа.

Тие бараа управата да му врачи отказ на тренерот Масимилијано Алегри, иако тоа би го чинело клубот 20 милиони евра. Но, челниците на Старата дама се одлучија да бидат трпеливи со Алегри и тоа им се исплатеше, Јувентус е во серија од шест победи по ред, која започна на 8 октомври и оттогаш нема примено ниту еден гол.

Беа победени Торино, Емполи, Лече, Интер, Верона и Лацио и гол-разликата на Старата дама во овие дуели е 12:0, и тоа играјќи без својот најдобар стрелец, Влаховиќ. Но, затоа го добија Мојзе Кен, кој вчера во победата од 3:0 над Лацио даде два гола. Одлично игра и Адриен Рабио, кој се наоѓаше на трансфер-листата во летниот преоден рок.

За малку повеќе од еден месец, Јувентус од тим на средината на табелата премина во тим кој е на третото место со 10 бода зад лидерот Наполи, со реални шанси да се вклучи во трката за титулата бидејќи до крајот има да се одиграат уште 23 кола.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести