Само осуммина во историјата освоиле СП, ЛШ и Златна топка

Само осуммина фудбалери во историјата успеале со своите тимови да освојат Светско првенство и Лига на шампиони, како и индивидуална награда, Златна топка за фудбалер на годината.

На многу големи имиња им фали по нешто за да бидат тука. На Лионел Меси и Кристијано Роналдо им недостасува светска титула, Бразилецот Роналдо и Марадона немаат Лига на шампиони, па само осуммина кои сега се пензионирани може да се пофалат со ваков „хет-трик“.

Мундијал, европска клупска титула и Златна топка имаат Боби Чарлтон, Герд Милер, Франц Бекенбауер, Паоло Роси, Зинедин Зидан, Ривалдо, Роналдињо и Кака.

Англичанецот Чарлтон во 1966 година беше светски првак, а две години подоцна со Манчестер јунајтед и европски. Германците Милер и Бекенбауер беа во најславните генерации на Баерн од средината на 70-тите, во 1974 година освоија светска титула.

Италијанецот Роси беше ѕвезда на СП 1982 година, иако беше резерва на првите мечеви, се прослави во нокаут-фазата. Три години подоцна со Јувентус стана европски првак.

Французинот Зидан блесна на СП во 1998, во финалето даде два гола, а четири години подоцна како играч на Реал Мадрид даде незаборавен победнички гол во финалето на ЛШ.

Има и тројца Бразилци на листата. Ривалдо во 1999 доби Златна топка, но за најважните трофеи мораше да го почека 21-виот век. Во 2002 освои СП, а во 2003 со Милан стана европски шампион. Роналдињо исто така беше дел од шампионскиот тим на Бразил од 2002, но една година подоцна замина во Барселона и стана најдобар играч на светот. Во 2006 освои ЛШ. И Кака беше кај Кариоките во 2002, но тој ја одбележа 2007 година, кога со Милан се искачи на европскиот трон.

- Оглас -

Најнови вести