Кошаркарите на Сан Антонио спарс во новогодишната ноќ го совладаа Њујорк со 134-132, најмногу благодарение на големиот пресврт во последната четвртина.
Сан Антонио губеше во текот на целиот натпревар, во еден момент разликата изнесуваше и -19 (52-71), но во последната четвртина успеаја да го надоместат заостанувањето и да стигнат до победа.
Херој на мечот беше Џулијан Шампањи со погодени 11 тројки од 17 обиди, вкупно 36 поени и шест скока, додека Вембањама додаде 31 поен и 13 скока. Фокс натпреварот го заврши со 26 поени и седум асистенции, а двоцифрен беше и Џонсон со 19 поени и осум скока.
Кај Њујорк најдобар беше Брансон со 29 поени, додека Мекбрајд додаде 21 поен, три скока и две асистенции. Кларксон и Таунс мечот го завршија со по 20 поени. Кларксон имаше и по два скока и асистенции, а Таунс запиша седум скока и четири асистенции. Двоцифрен беше и Бриџис со 13 поени, пет скока и три асистенции.
Денвер без Никола Јокиќ го победи Торонто на гости со 106-103, а во отсуство на српскиот кошаркар најдобар беше Вотсон, кој ги предводеше Нагетс до победата со 24 поени и осум скока.
Актуелните шампиони Оклахома сити тандер го совладаа Портланд со 124-95, предводени од Гилџес-Александер кој постигна 30 поени, шест асистенции и два скока.
Резултати: Шарлот – Голден Стејт 125-132, Атланта – Минесота 126-102, Индијана – Орландо 110-112, Кливленд – Финикс 129-113, Чикаго – Њу Орлеанс 134-118, Сан Антонио – Њујорк 134-132, Торонто – Денвер 103-106, Милвоки – Вашингтон 113-114, Оклахома – Портланд 124-95.

