Репрезентацијата на Сан Марино на првиот натпревар од Квалификациите за ЕВРО 2024 загуби на домашен терен од Северна Ирска со 2-0. Сепак, овој натпревар го привлече вниманието од друга причина.
Италијанецот Роберто ди Мајо стана највозрасниот дебитант во репрезентацијата на Сан Марино точно со 40 години и 183 дена. Фудбалерот кој е роден во Неапол неодамна доби државјанство на Сан Марино и веќе немаше пречка да дебитира за својата нова татковина. Ди Мајо во моментов настапува за Космос од Сан Марино, додека врвот на својата кариера ја имаше во екипа на Ночерина во италијанската Серија Б.
Сепак, ди Мајо не е светски рекордер во оваа категорија. Тој е „само“ на осмата позиција, додека рекордот го држи поранешниот младинец на Арсенал, Кени Даер, кој на 43 години и 201 ден дебитираше за репрезентацијата на карипскиот остров Монтсерат, на натпревар против Суринам во 2008 година.
Репрезентацијата на Сан Марино следниот натпревар ќе го одигра во недела, на гостински терен против Словенија.