Сари: Ќе бидам разочаран ако не го освоиме трофејот во ЛЕ

Менаџерот на Челзи, италијанскиот стручњак Маурицио Сари, си зададе задача и цел да го освои трофејот во Лига на Европа, бидејќи вели дека ако сезонава клубот не освои трофеј, тоа ќе биде разочарувачка сезона за „сините“.

Челзи има осигурано враќање во Лигата на шампионите за следната сезона, но сакаат сезоната да ја финишираат со пехар во второто по квалитет клупско натпреварување во Европа.

„Пред пет години кога го водев Емполи, некој да ми кажеше дека ќе бидам во финале на ЛЕ, би му се изнасмеал. Ако во Баку не го кренеме победничкиот пехар, тоа ќе го прифатам како големо разочарување, бидејќи многу труд би отишол во ветер“ – вели Сари.

Сари во текот на сезонава неколку пати беше на прагот да добие отказ, но ја преброди кризата.

„Ако не бев силен, ќе ме совладаа критичарите. Добро е што пред три месеци не се загубивме по патот. Навивачите силно критикуваа, но тимот реагираше добро, не се предававме. Во Англија е многу тешко првенството, има голем квалитет во Премиерлигата, тоа е најсилна лига во светот. Би останал тука, дури и сонцето кое тука ретко го има, не ми недостасува. За мене е исто дали сум во Италија или Англија, каде и да сум, работам по 14 часа дневно“ – рече 60-годишниот Сари.

- Оглас -

Најнови вести