Ѕвездата на Пари Сен Жермен и добитник на Златната топка, Осман Дембеле, е во фокусот на најбогатите клубови од Саудиска Арабија, а потенцијалниот трансфер веќе се најавува како „најголемиот во саудиската лига од доаѓањето на Кристијано Роналдо“.
Дембеле има договор со ПСЖ до 2028 година, но челниците на саудиската професионална лига веќе подготвуваат финансиски „луда“ понуда за негов трансфер на Блискиот Исток. Саудиската лига веќе привлече големи имиња како Роналдо, Карим Бензема, Нејмар и Садио Мане, а Дембеле е најновата ѕвезда на нивниот список.
Според „Скај спорт“, веќе се воспоставени први контакти, но Дембеле сега целосно е фокусиран на сезоната со ПСЖ и на Светското првенство, со цел да освојува трофеи.
Новинарот Кавех Солехол од „Скај спортс њуз“ коментираше:
„Ако трансферот се реализира, тоа би бил најголемиот за Саудиска Арабија од доаѓањето на Роналдо. Саудиските клубови очекуваат многу активен летен прозорец, а Дембеле е еден од играчите кои ги посакуваат. Дали е возможно? Малку е веројатно, но пејзажот во саудискиот фудбал се менува – приватните инвеститори сега исто така можат да влијаат на трансфери, не само државните фондови.“
Иднината на Дембеле веќе беше предмет на шпекулации оваа сезона поради желбата за зголемување на платата по освојувањето на Златната топка. Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, ги отфрли гласините дека Дембеле одбил нов договор, додека претседателот Насер Ал-Келаифи предупреди дека сите играчи мора да се вклопат во платната структура на клубот.

