Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, би можело да го замени Италијанецот Роберто Манчини на позицијата селектор на Саудиска Арабија, пренесуваат денес медиумите од Франција и од Италија.
Претходно беше објавено дека Фудбалската федерација на Саудиска Арабија е блиску до одлука за отпуштање на Манчини, кој има годишна плата од 30 милиони евра. Саудиска Арабија сега размислува како да го привлече Зидан.
Неодамнешниот пораз на Саудиска Арабија од Јапонија (0-2), по кој следуваше реми против Бахреин (0-0) во квалификациите за Светското првенство 2026 година, заедно со неуспехот на Азискиот куп на почетокот од оваа година влијаеа на одлуката за заминување на Манчини, кого навивачите го испратија со свирежи на последниот натпревар.
Зидан не работи во фудбалот од заминувањето од Реал Мадрид во 2021 година, каде што трипати по ред ја освои Лигата на шампионите. Сега Саудиска Арабија се подготвува да направи сериозен обид да го ангажира Французинот.
Оваа задача нема да биде лесна бидејќи поранешниот најдобар фудбалер на светот е познат по тоа што љубезно одбива понуди и живее мирно, надвор од фудбалскиот свет.
Главниот адут на Саудиска Арабија секако ќе бидат парите. Можеби ќе понудат дури и повисока плата од онаа на Манчини, која е највисока во светот, а можеби и улога на главен амбасадор во кампањата на Саудиска Арабија за добивање на организацијата на Светското првенство во 2034 година.
Покрај најголемата желба, Зинедин Зидан, како можни замени за Манчини се споменуваат и Аргентинецот Рамон Дијас и Французинот Ерв Ренар, кои наводно веќе биле контактирани.