Саутгејт: Косово е најголемиот ривал на Англија во овие квалификации

Некогашниот светски првак Англија на свој терен ќе го пречека Косово, во меч кој делува дека ќе биде дерби во групата А. Гордиот Албион за првпат ќе игра со репрезентацијата која од пред неколку години е дел од семејството на УЕФА.

Косово е најпријатното изненадување во овие квалификации и по досегашните четири одиграните меча има две победи и две нерешено, што му го донесе второто место во групата. Балканската селекција влезе во одличен ритам откако на гости ја победи Бугарија со 3:2, а пред неколку дена во Приштина славеше против Чешка со 2:1. Можеби делува неверојатно, но Косово е селекција која речиси две години нема пораз. Последен пат загуби од Исланд во октомври 2017 година. Од тој момент досега, Косово одигра 15 меча и забележа 10 победи и одигра пет нерешени средби.

Косово е на 120-то место на ФИФА-листата, а Англија е во самиот врв, на четвртото место во светот, но Герет Саутгејт, селекторот на домаќините, е претпазлив.

„Очекувам ова да биде еден од нашите најголеми предизвици за оваа сезона. Косово ја победи Чешка и верувам дека тие се нашиот најголем ривал во квалификациите. Ќе играме против мнигу добар тим кој има солидни поединци. Имаат играчи кои се дел од некои од најсилните лиги во светот. Навистина сум импресиониран од нивните игри во досегашниот дел од квалификациите, како и од мечевите кои ги одиграа во Лигата на нациите“, вели Саутгејт.

Селекторот на Косово, Бернард Шаланд, пред два дена имаше вистинско шоу, на „луда“ прес-конференција објасни каква ќе биде тактиката на гостите за да се обидат да направат чудо во Саутхемптон.

 

- Оглас -

Најнови вести