Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Герет Саутгејт, изјави дека е задоволен по убедливата победа против Иран во првото коло од групната фаза на Светското првенство.
Англичаните денеска во Доха славеа над Иран со убедливи 6:2 во рамките на првото коло од групата Б на Мундијалот во Катар.
„Игравме добро, имаше многу прекини, но нашиот пресинг и движењето навистина беа добри. Морам да бидам среќен, но не требаше да примиме два гола во таа фаза од играта“, рече Саутгејт по натпреварот.
Следен предизвик за Англија ќе биде дуелот со САД на 25 ноември.
„Мораме да бидеме уште подобри против САД. Ова е одличен почеток на СП, но мора да бидеме подобри“, додаде Саутгејт.
Селекторот на Англија ја пофали играта на своите фудбалери и истакна дека особено му се допаднал шестиот гол на натпреварот, кој го постигна Џек Грилиш во 90-тата минута.
„Она што посебно ми се допадна беше голот на Џек Грилиш по асистенцијата на Калум Вилсон. Тој можеше да биде себичен, но дури и во тој момент мислеше на тимот“, рече Саутгејт.
Стрелецот на два гола за Гордиот Албион, Букајо Сака, изјави дека тој и неговите соиграчи покажале каков квалитет поседуваат.
„Ни беше потребен ваков добар почеток. Не одигравме добро на последниот меч пред да пристигнеме во Катар, имаше многу шпекулации за нашата форма, но на сите им покажавме каков квалитет на игра можеме да имаме и за што сме способни“, изјави Сака за Би-би-си.