Се играше НБА од минатиот век – Во Мемфис се одигра ретро од 1983 година, Портланд повтори подвиг од 1999 година (Видео)

Мемфис гризлис и Бруклин нетс одиграа супер атрактивен меч што го добија Мечките со 134:124, а фантастично беше да се гледа натпреварувањето меѓу Џа Морант и Дезмонд Бејн кај Мемфис против искусните Кевин Дурант и Кајри Ирвинг кај Бруклин.

Помладиот тандем, Морант и Бејн постигнаа по 38 поени, а Дурант и Ирвинг постигнаа по 37 поени во првиот меч по 1983 година, во кој во два тима имало најмалку по двајца кошаркари со по 35+ поени.

Ова е само трет ваков случај четворица кошаркари на ист меч да постигнат по 35 или повеќе поени и прв по пауза од 39 години.

Џа Морант повторно одигра блескаво и на четирите стартни натпревари на Мемфис гризлис има просек од 35,25 поени, што е импресивен учинок.

Мечките имаат скор 3-1, а Бруклин сега е со биланс 1-2.

Шармот на НБА од минатиот век го чувствуваат и играчите и навивачите на Портланд трејлблејзерс, екипа што ноќеска го декласира Денвер нагетс со 135:110 и за првпат од 1999 година има старт со 4-0 во НБА.

Демиен Лилард игра во фантастична форма и со 31 поен го предводеше Портланд до четврта победа во низа.

Енферни Симонс му се приклучи на Лилард со прекрасна партија баскет. Вториот бек на Трејлблејзерс постигна вкупно 29 поени, од кои дури 22 во третата четвртина со шут 6/7 за три поени.

Интересни бројки кај гостите имаше Никола Јокиќ, по 9 поени, скокови и асистенции, па малку му фалеше за трипл-дабл во тешкиот пораз на неговиот тим во „Мода центар“ во Портланд.

РЕЗУЛТАТИ:

Филаделфија – Индијана 120:106, Мајами – Торонто 90:98, Њујорк – Орландо 115:102, Чикаго – Бостон 120:102, Хјустон – Јута 114:108, Мемфис – Бруклин 134:124, Минесота – Сан Антонио 106:115, Портланд – Денвер 135:110. 

 

- Оглас -

Најнови вести