-0.2 C
Skopje
понеделник, 15 декември 2025

„Се крчка“ новиот селектор

Фудбалската репрезентација на Македонија најдоцна за десет дена и официјално ќе го добие својот нов селектор.

Раководството на ФФМ објави дека предлогот ќе го даде комисија предводена од претседателот Масар Омерагиќ, а веќе со месеци се шпекулира дека тоа ќе биде Гоце Седлоски, актуелниот тренер на Вардар.

Како кандидат се спомнува и Игор Ангеловски-Мрме, кој ја однесе Македонија на ЕП во 2021 година. Мрме од пред некој ден е слободен, за разлика од Седлоски, кој веројатно ќе треба да раскине со Вардар, со кого е водечки и се бори за титула во Првата лига.

Кој и да биде наследник на Благоја Милевски, нема да му биде едноставно бидејќи во март го чека полуфинален бараж за пласман на Светско првенство на гости со Данска и големо изненадување би било ако поминеме во финалето. Не е добро ако мандатот се почне со критики по пораз, па тоа е предизвик за новиот селектор да го извади најдоброто од себе и од играчкиот потенцијал што го имаме.

На ракометна и кошаркарска сцена кај нас викендов имаше дербија кои го привлекоа вниманието.

Охриѓани го победија Еурофарм Пелистер и најавија дека сезонава може да заврши доминацијата на битолчани, кои по поразот се свестија дека можеби ќе бидат симнати од тронот и „беснееја“, виновни им беа вратата од соблекувалната, охриѓани, помошникот тренер на ГРК Охрид, па и Вардар 1961.

Во минатото и во кошарката имаше вакви и многу поголеми инциденти кога играа Работнички и МЗТ, а викендов беше доста мирно и на трибините и на теренот. Доминацијата на Металците продолжува, немаше неизвесност, можеби и затоа беше помирно од вообичаеното.

Во европскиот фудбал исто така немаше нешто што го потресе континентот, многумина од тие обложувачи што играат на сигурица веројатно се добитни. Исклучок е ремито на Баерн со Мајнц. Необична е табелата во Франција, каде што ПСЖ годината нема да ја заврши на прво место.

- Оглас -

Најнови вести