Сенегал ја освои титулата од Африканскиот куп на нации, откако славеше со 1-0 над Мароко во хаотичното финале, но сега може да се случи да останат без трофејот. Селекцијата на Сенегал, целосно или барем делумно, се повлече од теренот кога беше досуден пенал за Мароко на истекот на регуларното време, а од домаќинот на турнирот веќе е најавено дека ќе се жалат и ќе бараат службена победа.
„Ако екипа се повлече од натпреварување од било која причина или не се појави на натпреварот, освен во случаи кога тоа е прифатено од организациониот комесар, одбие да игра или го напушти теренот пред регуларниот крај на натпреварот без одобрени на судијата, ќе се смета дека таа екипа загубила и ќе биде дисквалификувана од турнирот.“ – се вели меѓудругото во пропозициите за Африканскиот куп на нации.
Токму на ова се повикуваат од Фудбалскиот сојуз на Мароко, а дополнително се очекува одлука од дисциплинската комисија на ЦАФ, африканскиот пандан на УЕФА, од каде порачаа дека Сенегал со сигурност ќе биде предаден на дисциплинската комисија и казнет за однесувањето на фудбалерите, службените лица и навивачите, на финалниот меч против Мароко.

