Ривалството на Интер и Милан е едно од најголемите во светот, играат на ист стадион, но често се случувало големи фудбалски имиња во своите кариери да играат за двете екипи. Такви се примерите со Роналдо, Пирло, Сидорф и Чалханоглу.
Сепак, и двете екипи имаа играчи за кои беше незамисливо да се видат во дресот на градскиот ривал. Малдини беше икона на Милан, а Матераци, Кордоба и Занети легенди на Интер.
Но, најголемиот талент на Милан, Франческо Камарда, е пред трансфер токму во Интер. Фудбалерот во неделата наполни 16 години и сега може да потпише професионален договор, а тоа речиси сигурно нема да биде со Милан бидејќи има многу подобри понуди на маса. Освен Интер, интерес за младиот напаѓач има и од Манчестер јунајтед, Арсенал, Борусија Дортмунд и Јувентус.
Камарда во младинските категории постигна над 500 гола, со просек од 5,5 по натпревар, а оваа сезона дебитираше и за првата екипа на Милан.