Сè помалку има руски интернационалци, Черчесов објасни зошто: Нивите ги претворивме во убавици

Сè помалку руски фудбалери се одлучуваат да играат во странски клубови, а интересно објаснување за трендот има селекторот на националниот тим, Станислав Черчесов.

„Ние игравме на лоши терени, да не кажам грубо на ораници, на кои можеш и да се убиеш играјќи фудбал. Погледнете ги сега убавиците од стадиони што ги има Русија. Москва, Краснодар, Санкт Петербург, Грозни, Сочи… За среќа, со нив во тандем одат и финансиите и руските фудбалери сега заработуваат многу солидно. Лигата е силна и атрактивна со многу квалитетни домашни играчи и странци. Фудбалерите од мојата генерација масовно бараа спас во странство, но сега и во Русија имаат одлични услови“, вели Черчесов.

Руската лига е рангирана во Топ-10 во Европа, а клубовите како ЦСКА, Спартак, Локомотив, Зенит, Краснодар… се постојани учесници во фазата по групи во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа.

Русија максимално ја искористи и организацијата на Мундијалот во 2018 година за да изгради или да реновира десетици стадиони што ги имаат сите услови на рамниште на најголемите европски и светски клубови и земји.

Черчесов како фудбалер играше во странство во Динамо Дрезден од 1993 до 1995 и одигра 57 меча за тогашниот Бундеслигаш, а потоа се пресели во Австрија, каде што шест години настапуваше за Тирол, клуб за кој одигра 182 меча.

 

- Оглас -

Најнови вести