Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски вчера заедно со своите соиграчи го прославија пласманот на Лидс во Премиер лигата за следната сезона. Цели 16 години Лидс чекаше за повторно да биде дел од елитната англиска лига, а на крајот сезонава со одлични игри заслужено се радуваат на успех и тоа во сезоната кога се слави 100 години од формирањето на клубот.
Во вековната традиција Лидс има големи успеси, но и падови. Тоа е клуб кој може да се пофали дека три пати бил англиски првак и тоа во 1969, 1974, како и во 1992 година. ФА Купот го освои во 1972 година, а има трофеи и во Лига Купот и Комјунити шилд. Нема многу клубови како Лидс што може да се пофалат дека ги освоиле сите најзначајни пехари во англискиот фудбал.
Во не многу далечното минато, Лидс беше конкурентен не само во Англија, туку и на европско ниво. На почетокот на новиот милениум, Лидс имаше блескав состав, кој можеше да се спротистави на секој ривал. Во одбраната царуваа Рио Фердинанд, Дани Милс, Џонатан Вудгејт, а задолжени за средниот и офанзивниот дел беа ѕвезди како Ли Бојер, Алан Смит, Хари Кјуел, Марк Видука…
Во 2000 година, Лидс играше во полуфиналето од Купот на УЕФА кога беше елиминиран од Галатасарај. На овој двомеч се случи и еден од најголемите инциденти кога двајца навивачи на англичаните беа убиени на гостувањето во Истанбул. Галатасарај таа сезона го освои трофејот во овој куп.
Следната година Лидс играше во Лигата на шаммпиони и повторно стигна до полуфиналето. Дома одигра 0:0 против Валенсија, но на гости загуби со 3:0 и беше елиминиран. Тоа не е најдобар пласман на Лидс во европските купови, затоа што во 1975 година тимот играше во финалето на Купот на Европски шампиони кога со 2:0 загуби од Баерн Минхен. Лидс има играно и во финалето на Купот на куп победниците, но и таму загуби од Милан во 1973 година. Двете европски титули Лидс ги има освоено во Купот на саемски градови во 1968 и 1971 година.
Овој тим на Лидс предводен од тренерот Марсело Биелса тешко дека ќеги повтори успесите од најсветлите денови на Лидс, но сепак враќањето во Премиер лигата е голем успех и радост за навивачите на овој англиски клуб.