Јасине Бенција јуначки ги надмина сите проблеми по страшната сообраќајна несреќа во март и по цели 9 месеци се врати на тренинг со своите соиграчи од Дижон.
Алжирскиот репрезентативец, кој ги мина сите возрасни категории во младинските селекции на Франција имаше голема незгода со својот оф-роуд џип во март и дури му беше загрозен животот.
Докторите успеаја да му ја спасат левата рака, но не и едниот прст. За среќа во целата несреќа, Јасине преживеа и по долгата рехабилитација веќе тренираше со своите соиграчи од Дижон.
„Бев малку на теренот денеска, но и тоа е супер по се што ми се случи. Очекувам наскоро пак да играм фудбал и тоа е најважно за мене. Нема да брзам за да не се искомолицираат работите“, изјави 26-годишниот играч за врска.
Во јануари лани Бенција пристигна од грчки Олимпијакос во Дижон, а два месеци подоцна му се случи кобната сообраќајка, па дури и не стаса да дебитира за францускиот клуб.
Сега се надева дека конечно ќе може да игра и да му помогне на Дижон во битката за опстанок во Лига 1. Продолжението на француското првенство е закажано за шести јануари со натпреварите од 18. коло.