Хозе Санчез Мартинез ја доби довербата да ја дели правдата на најголемото дерби во светот, популарното „Ел Класико“ во Шпанија. Барселона на „Камп Ноу“ ќе биде домаќин на Реал Мадрид во дуелот кој ќе се игра в недела.
Само што беше објавено името на главниот судија, веднаш започна да се загрева и атмосферата. Од таборот на Реал Мадрид веднаш почнаа да се жалат од судијата. Мартинез го судеше последното „Ел Класико“ на „Сантијаго Бернабеу“ кога Барселона како гостин победи со 3:0. На тој меч, главниот арбитар го исклучи Карвахал, а досуди и пенал за Барселона, кој беше постоечки.
Сепак не е тоа единствен меч на кој Мартинез исклучувал играчи на Реал Мадрид. Во 2016 година го исклучи Матео Ковачиќ на средбата против Валенсија. Интересно е тоа што Мартинез никогаш досега не исклучил ниту еден играч на Барселона. Но дека Мартинез и не е толку „кобен“ за Реал се покажува по дуелот од Суперкупот на Шпанија, кога Реал го победи каталонскиот гигант со 2:0, а главен беше токму овој судија.
Дуелот меѓу Барселона и Реал Мадрид ќе се игра в недела со почеток од 16:15 часот.