Вардар под водство на тренерот Гоце Седлоски е есенски првак во Првата македонска фудбалска лига, најтрофејниот клуб добро ги издржа притисокот и големите очекувања, па Седлоски чиј тим нема пораз, има причини за задоволство.
„Можам да кажам дека сум презадоволен од она што Вардар како тим го одигра во есенскиот дел од шампионатот. Од секој аспект. Видовте и самите со каков притисок се соочува тимот. Едноставно сите од Вардар го очекуваат најдоброто, а тоа не е лесно да се постигне. Затоа сум горд на овие момци што без пораз ја одработија задачата, на најдобар можен начин. Не е лесно да го носиш дресот на Вардар. Секој противник е на највисоко ниво кога игра против Вардар. Тоа се потврдува од меч во меч. Едноставно тоа е така. Навикнати сме на тоа. Така и е создавана оваа екипа. Од момци кои што очигледно можат да се носат со тој притисок. Им честитам за тоа“ – вели тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, во разговор за веб-сајтот на ФФМ.
На половина сме од шампионатот, следува втората половина.
„Нè чека уште многу работа и многу труд и напор за да се стигне до посакуваната цел. Ништо не е готово, напротив. На пролет нè чека уште потежок пат кон она што се стремиме да го оствариме. Успесите кога е во прашање Вардар, се неминовност, самите по себе се наметнуваат, а само најсилните и најхрабрите се способни да ги остварат. Затоа сум особено горд на сите оние кои во моментов се дел од овој колектив“, заврши шефот на стручниот штаб на Црвено-црните.

