27.8 C
Skopje
среда, 16 јули 2025

Седлоски: „Нема опуштање, ќе играме како да е 0-0, а не 3-0“

Вардар со предност од три гола разлика, по победата во Скопје од 3-0 над Ла Фиорита, го очекува реваншот во Сан Марино. Сепак, и покрај големата предност, тренерот на „црвено-црните“, Гоце Седлоски, е претпазлив и најавува дека неговите избраници на теренот ќе истрчаат како да е 0-0 во двобојот со Ла Фиорита, а не 3-0.

„Уште по првиот натпревар во Скопје им кажав на фудбалерите дека нема опуштање. Гледаме што се случува, како екипите испаѓаат. Подготвени сме, напорно трениравме за да покажеме и тука за што сме дојдени. Овој резултат од 3-0 не смее да нѐ залажува, треба да излеземе и да играме наша игра, а јас како тренер и моите фудбалери, подготвени сме тоа и да го покажеме тоа и на терен. Иако сме ослабени со неиграњето на тројца или четворица фудбалери, но и тие кои утре ќе излезат на терен ќе го дадат максимумот.“ – вели тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.

Предводникот на „црвено-црните“ имаше свој коментар и за „лошото“ прво полувреме во Скопје, кое заврши без голови, 0-0.

„Дел од фудбалерите првпат играа ваков натпревар во Скопје, но не беше толку лошо тоа прво полувреме. Секако, секоја екипа може да направи шанса од контранапад. Не ги потценуваме, баш напротив, подготвени сме да го засилиме ритамот и темпото на овој натпревар. Ваквите натпревари се многу тешки, влегуваме на овој натпревар како да е 0-0.“ – додава Седлоски.

- Оглас -

Најнови вести