Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, вечерва од 20.45 часот против Летонија ќе го одигра својот 100-ти натпревар и ќе стане вториот играч со троцифрен број на настапи за Македонија, по Гоце Седлоски.
Веќе на следниот дуел со Словенија, Пандев ќе го испрати некогашниот столб во дефанзивата на второто место во историјата и ќе биде фудбалер со најмногу настапи во тимот А.
Седлоски пред јубилејот на Пандев даде коментар и истакна дека искрено се радува на неговите успеси, како на клупски така и на репрезентативен план.
„Драго ми е што мојот рекорд со настапи во репрезентацијата го стигна еден таков фудбалер како Пандев. Воопшто не е лесно да се одиграат 100 натпревари за репрезентацијата. Јас долги години му бев капитен и секогаш ги слушаше моите совети. Се радувам за него и за неговите успеси на репрезентативен и на клупски план, каде што освои сè што можеше да се освои“, вели Седлоски.