Доминација на гостинските екипи во мечевите во НБА-лигата коишто беа одиграни ноќеска. Од осум натпревари кои се одиграа, гостинските тимови победија дури на седум. Единствено Феникс санс ја спаси честа на домашните тимови откако со 133:115 беше подобар од Минесота. За оние коишто ги следат најавите за НБА-дуелите, уште вчера прогнозиравме дека гостинските екипи треба да доминираат на НБА-паркетите во овие осум дуела.
Далас уште во првата четвртина стигна до 15 поени предност против Вашингтон и во продолжение на дуелот, гостинската екипа без мнгоу проблеми ја чуваше двоцифрената предност и на крајот лесно славеше со 130:117. Тим Хардевеј со 31 поен и Лука Дончиќ со 26 поени беа предводници на гостинскиот тим.
Нешто слично беше и на средбата на која Бостон победи на гости кај Филаделфија, и тоа со 117:107. Бостон по првата четвртина имаше 15 поени предност, но домаќините се вратија во вторите 12 минути и на полувреме заминаа со еден поен предност. Сепак, потоа повторно Бостон заигра подобро и на крајот се радуваа гостите, во чии редови Татум со 29 и Вајт со 27 поени беа најефикасни на теренот.
Со 15 поени предност по првата четвртина на гости водеше и Милвоки кај Торонто (36:21), а силата на гостите се потврди и кога на полувреме Бакси стигнаа и до 23 поени предност (70:47) и уште тогаш се знаеше кој ќе биде победник.
Во останатите мечеви кои се играа вечерва: Атланта – Њујорк 114:116, Чикаго – Орландо 94:96, Лос Анџелес лејкерс – Сакраменто 110:125 и Портланд – Кливленд 95:109.