Саутхемптон уште пред неколку недели се прости од трката за опстанок во Премиер лигата. Тоа е клубот кој најбрзо испаднал од лигата, а овој неславен подвиг воопшто не е за чудење ако се знае дека по 36 одиграни меча, Саутхемптон има освоено само 12 бодови.
Вчера, Саутхемптон на свој терен играше против Манчестер сити. Домаќините немаа никаков мотив за игра, додека гостите грчевито се борат да бидат на позиција која нси пласман во Лига на шампиони за следната сезона.
Ретко кој можеше да претпостави дека Сити на кого очајно му беа потребни три бода, нема да победи на ова гостување. На крајот, дуелот на стадионот „Сент Мери“ заврши 0:0. По мечот, играчот на граѓаните Рубен Дијас ги нападна фудбалерите на домашниот тим.
„Фрустрирачки е да се игра против ваков противник. Тие дури не се ни трудеа да играат, само го губеа времето во текот на целата средба. Чувствував дека како да не сакаа воопшто да играат, ниту да се обидат да победат. Само седеа. Ние се обидовме на сите начини, имавме шанси, но не постигнавме гол“, рече фрустрираниот Дијас по мечот.
Веднаш по оваа изјава на Дијас стигна и одговор од страна на Саутхемптон.
„Се чини дека на никој од нас не му се играше“, беше првата реакција од Саутхемптон на социјалната мрежа „Х“, а потоа следуваше уште еден пост: „освоивме бод без да се обидеме воопшто да играме“, констатираа од Саутхемптон.
Овој твит на Саутхемптон кој е сеирџиски кон Манчестер сити, го проследија три милиони корисници на оваа социјална мрежа.
Сити има шанса да ја заврши сезоната со титула затоа што следниот викенд ќе игра во финалето на ФА Купот против Кристал палас.