Селекторот Јончевски ги повика и Димитријевиќ, Шортс и Хап за двомечот со Литванија

Објавен е поширокиот список на кандидати за настап на ноемвриските мечеви против Литванија од квалификациите за Евробаскетот 2025 година. Македонскиот селектор Александар Јончевски на листата ги стави и Ненад Димитријевиќ, Ти Џеј Шортс и Итан Хап, кои се наши главни адути, но нема да може да играат сите.

Димитријевиќ и Шортс играат во Евролигата и потребна е дозвола од нивните клубови за да бидат достапни за репрезентацијата. Милано на Димитријевиќ игра со Макаби истиот ден кога Македонија ја пречекува Литванија, а Париз на Шортс гостува кај Ефес во Истанбул. Право на настап има само еден натурализиран играч, па нема да биде можно заедно на терен да ги видиме бекот Шортс и крилниот центар Хап.

На 21 ноември Македонија ќе биде во улога на домаќин на натпреварот кој ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје. Три дена подоцна следува гостување кај Литванија во градот Клаипеда.

Во пресрет на овие два исклучително важни и тешки натпревари, селекторот Јончевски го одреди поширокиот список во којшто се најдоа следните кошаркари:

Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Андреј Шошкиќ, Ти-Џеј Шортс, Амар Хот, Ваљмир Какруки, Лејсон Зеќири, Теодор Симиќ, Максим Митевски, Андреј Митревски, Страхил Николов, Лука Стојановски, Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Дамјан Стојановски, Дамјан Робев, Итан Хап, Виктор Ефремовски и Марин Петков.

- Оглас -

Најнови вести