Популарната акција Хуманитарен тикет се враќа во игра, а денеска во фокусот на спортската јавност кај нас е мечот на кошаркарската репрезентација на Македонија од квалификациите за ЕП 2025 против Естонија, па денеска подобро решение од разговор со селекторот Александар Јончевски и неговиот тикет нема.
Иако е максимално фокусиран на она што следува вечерва во СРЦ „Кале“ од 19 часот и можеби клучниот меч со Естонија од квалификациите за Евробаскетот 2025, Јончевски веднаш ја прифати поканата и најде време за составување еден хуманитарен тикет, со надеж дека ќе биде добитен и парите од добивката ќе завршат на вистинско место.
Според квотите во Sport Life, Естонија е фаворит на вечерашната средба, но може ли некој што не е од самиот европски врв да биде фаворит против Македонија кога се игра во Скопје, во веројатно полна сала?
„Имаме право на оптимизам, затоа што и поголеми репрезентации од естонската паднале кога сме играле дома. Имаме квалитетни играчи, гледаме да извадиме максимум од нашите квалитети и да ги сопреме нивните главни играчи. Ако успееме да ги спроведеме замислите, верувам дека може да се надеваме на победа. Резултатот ќе зависи и од тоа каков ден ќе имаат играчите, каква мотивација ќе имаат. Очекувам полни трибини, салава е понепријатна за гостински играчи. Публиката е поблиску до теренот, покомпактна е и иако има помалку гледачи, се прави подобра атмосфера. Таа енергија од публиката треба да ја пренесеме на терен како предуслов за добар резултат“, вели Јончевски.
ПОДОБРО ДА ИГРАВМЕ ДОМА СО ЕСТОНИЈА ВО НЕКОЈ ДРУГ ТЕРМИН
Добра вест е дека Војдан Стојановски ќе биде во составот, но повторно сме некомплетни, нема играчи како центарот Теодор Симиќ, кој имаше повреда, крилото Андреј Јакимовски, кој е во САД.
„Искрено, ако можев да бирам, дома со Естонија би играле во кој било друг квалификациски прозорец. Верувам дека во ноември годинава или февруари догодина ќе бевме покомплетни, ќе имавме уште некој висок играч, а и Јакимовски веруваме дека ќе биде слободен по завршувањето на сезоната во НЦАА и ќе ни помогне. Во таков случај од натурализираните ќе сметавме на Ти Џеј Шортс, кој игра одлично“, смета Јончевски.
Крилниот центар на Гран Канарија, Итан Хап, ќе има деби во дресот на македонската репрезентација.
„Тој игра против врвни центри во Шпанија, таму е и Естонецот Котсар од Басконија, го познава, играл против него. Хап имаше само 2-3 тренинга, не познава ниеден играч, пробавме да му ги доловиме карактеристиките на секој играч за да знае кој колку може. Нема да биде 100 процентен како во клуб, но очекуваме дека многу ќе помогне во битката под кошевите“, изјавува Јончевски.
НЕ СЕ ОБЛОЖУВАЈТЕ ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА, ЈА ГЛЕДАМЕ НАШАТА ШАНСА ЗА ПОБЕДА
„За вечерва не би препорачал да се игра против Македонија. Не само што е патриотски да се надеваме на победата, туку навистина ги гледаме своите шанси, не верувам дека некој Македонец би играл против. Би сакал Естонците да нè изненадат, ама со нивна лоша игра. Во подем се, ако се спореди со онаа Естонија од пред четири години, кога победи во „Борис Трајковски“ во квалификациите за ЕП 2021, сега се многу посилни, имаат барем 5-6 нови интернационалци од најсилните лиги во Европа“, анализира Јончевски.
Што се однесува до фудбалот како главен спорт во спортското обложување, обврските на Јончевски не му дозволуваат да го следи редовно.
„Многу послабо следам фудбал. Работам во Башкими, клуб од Косово, и мора да ја следам косовската кошаркарска лига. Детално ја следам и македонската лига затоа што 80 проценти од репрезентативците се во домашната лига, а сезонава и Евролигата е меѓу најинтересните и со толку многу кошарка, немам време за фудбал, дури ни за мечевите од Лигата на шампионите. Немам некој посебно омилен тим. Порано повеќе следев со пријателите, поради дружба сме се собирале да гледаме фудбал. Имало и ситуации кога заеднички сме уплаќале тикети со играчи од Евролигата, но признавам дека тоа било ретко, немам некое големо обложувачко искуство“, заклучува селекторот.
Еве како изгледа хуманитарниот тикет на Јончевски на кој има неколку дерби-средби: