Белградскиот Партизан одлучи во своите редови да го доведе македонскиот репрезентативец Бојан Димоски, и тоа како позајмен играч од рускиот Акрон Тољати.
Димоски е лев бек, а за репрезентацијата на Македонија дебитираше во 2022 и досега одигра 18 натпревари. Селекторот Благоја Милевски даде изјава за српските медиуми што добива Партизан со доаѓањето на Димоски.
„Бојан е одлично момче кое сака да работи и да напредува. Само му треба малку самодоверба. Да почувствува дека е дел од тимот и дека тој има потреба од тимот. Тоа му треба најмногу. Тој има сè што треба да има еден бек. Го користам и на левата и на десната страна. Брзината и техниката му се одлични, опасен е кога влегува во средината и по крилните позиции. Добро ја чита играта. Партизан не зема играч без претходно добро да го скенира“, вели Милевски, кој додаде дека Партизан може да извлече максимум од Бојан ако тој се здобие со самодоверба.
„Кога игра во континуитет и кога е во форма, нема проблем со самодовербата. Тој во последно време не добиваше доволна минутажа во клубот. Минатата сезона беше стандарден и играше одлично“, додаде Милевски.
Инаку со Димоски во составот, на Партизан ќе му фали само уште Хрват за да се пофали дека има играчи од сите шест ексјугословенски републики.
Пред Димоски, последни Македонци кои играле за Партизан беа Драган Чадиковски и Александар Лазевски.