Македонската фудбалска репрезентација сака да го повтори подвигот од пред две години, кога победнички се врати од Израел во квалификациите за СП 2018. Сега следува нов меч, повторно во квалификации, но овојпат за ЕВРО 2020. Израел ја има фаворитската улога, но селекторот на домаќините, Андреас Херцог, е свесен дека Македонија има добри поединци и не смее да се потцени противникот.
„Македонија е опасна селекција. Треба постојано да вршиме притисок, да играме брзо и да се обидеме да победиме. Имаат повеќе опасни играчи, а посебно треба да внимаваме на Елиф Елмас. Тој е опасен и технички одлично подготвен. Добри се и Барди, Алиоски, но и останатите играчи. Македонија има добра репрезентација“, вели Херцог.
Утрешниот дуел во Бер Шева ќе го суди Андреас Екберг од Шведска, кој не е многу искусен на меѓународна сцена.