Селекторот на Косово најавува битка до последен здив: Македонија е одлична, и да не победиме, нема да жалиме

Косово има одлична репрезентација со врвен селектор, а Швајцарецот Бернард Шаланде и покрај големите проблеми со отсуството на неколку клучни играчи, очекува битка до последен здив против Македонија на 8 октомври во Скопје.

„Имаме доста проблеми, но нема да го менуваме стилот на игра. Македонија ја гледав неколкупати и можам да кажам дека е квалитетна репрезентација, со сличен стил на игра како и Косово. Знам колку му значи победата на народот во Косово на ваков меч и ќе дадеме сè од себе и покрај сите хендикепи да ги израдуваме. Фудбалот е непредвидлив и можеби и нема да победиме, но мора да дадеме сè од себе за да не жалиме по мечот“, вели Шаланде.

Милот Рашица, Хекуран Круезиу и Бесар Халими нема да играат против Македонија, што е осетен хендикеп за Косово, а што е уште полошо за гостите неизвесен е и настапот на првата ѕвезда во репрезентацијата, Ведат Муриќи.

Новиот член на Лацио се наоѓа на списокот на Шаланде за мечот против Македонија, но има повреда и неговиот настап е неизвесен, исто како и на голманот Самир Ујкани.

„Имаме алтернативи, иако не многу за да ги замениме отсутните играчи, но во нападот немаме вистинска замена за Муриќи. Сепак, не можеме да сториме ништо друго освен да одиграме храбро и на победа“, додаде Шаланде.

Победникот од нокаут-мечот меѓу Македонија и Косово ќе игра против Грузија или Белорусија на гостински терен во ноември, за пласман на ЕП што ќе се одржи следната година.

- Оглас -

Најнови вести