Селекторот на Малави откри каков циркус е АФКОН: Играчите сами си ги перат алиштата

Многу чудни работи се случуваат на Африканскиот куп на нациите, а многу поплаки има до организаторот на шампионатот, Камерун, но и до Континенталната фудбалска федерација, ЦАФ, за несоодветен третман на репрезентациите што учествуваат на популарниот АФКОН.

Сè уште со внимание се следи што им се случува на дебитантите од Комори, кои денеска ќе играат историски меч за првпат во нокаут-фаза, против Камерун, и тоа без голман, иако еден од тројцата чувари на мрежата има негативен тест, но нема да му биде дозволено ниту влез на стадионот.

Тој меч ќе се игра од 20 часот во Јаунде, а Комори имаат само 12-мина играчи и некој од нив ќе треба да брани против големиот фаворит.

Дека се случува невиден циркус за вакво важно натпреварување за шампион на Африка, откри и селекторот на Малави, Марио Мариница, кој вели дека неговите репрезентативци и целата експедиција биле третирани како второкласна селекција.

„Не само како репрезентација, туку како луѓе имаме третман како да сме пониска класа. Само за пример: воопшто немавме пристап до машините за перење алишта, па репрезентативците сами си ја переа опремата. Ова е Африкански куп на нациите и ваков третман нема на локални и маалски турнири“, изјави Мариница.

Малави треба да игра утре, во осминафиналето на АФКОН против Мароко од 20 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести