Селекторот на гостите е убеден: Малта и Македонија ќе играат во убедливо најтешката група од квалификациите за ЕП 2024

Селекторот на Малта, Микеле Марколини, вели дека неговата репрезентација ќе има респект кон секој ривал, но нема да се уплаши од никого. Италијанскиот тренер неодамна беше назначен за нов предводник на Малта и самиот потенцираше дека ова е период и на негово запознавање со фудбалерите со коишто располага.

„Задоволен сум од тоа како фудбалерите ги одработуваат подготовките и подготвени сме да дадеме максимум против Македонија. Посветени сме и фокусирани на овој меч и се надевам на успешни мечеви во квалификациите. Овој период беше важен за да можам со играчите поубаво да се запознаам и да им посочам кои се моите тактички замисли“, вели Марколини.

Селекторот на Малта вели дека групата во која се Македонија и Малта е најсилната во квалификациите за ЕП 2024, но дека неговата филозофија е да се игра без страв против кој било ривал.

„Мора да се истакне дека ова е убедливо најтешка група од квалификациите. Не треба многу да се зборува за Англија, Италија, Македонија и Украина, но тоа е реалноста. Мора да играме без страв. Со респект, но без страв. Само така може да направиме нешто. Мора на секој меч да даваме 100 отсто од нашите можности“, додаде предводникот на Малта на денешната прес-конференција.

Македонија и Малта ќе играат утревечер од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје, во првиот меч од квалификациите за ЕП 2024.

- Оглас -

Најнови вести