Репрезентациите на Сенегал и Мароко се пласираа во полуфиналето на Африканскиот куп на нации и остануваат во борба за медалите на овој континентален турнир.
Сенегал прв го обезбеди местото меѓу најдобрите четири, откако минимално со 1:0 славеше против Мали. Напаѓачот на Евертон Илиман Ндиаје е херојот на Сенегал, постигнувајќи го единствениот гол во 27 минута.
Пред крајот на првото полувреме, Мали остана и со играч помалку откако поради втор жолт картон, од игра беше избркан Ивес Бисума кој настапува во Тотенхем. Во второто полувреме Сенегал со играч повеќе ја сочува предноста и обезбеди место во полуфиналето.
Мароко, селекција која е една од главните фаворити за трофејот, со 2:0 со победи Камерун. Брахим Дијаз потврди зошто е лидер на Мароко и погоди во 26 минута за 1:0. За Дијаз ова беше петти погодок во петиот меч на овој турнир и може да го видите ТУКА.
Сите дилеми околу победникот беа решени во 74 минута кога Измаел Саибари погоди за 2:0 и тој погодок може да го видите ТУКА.
Утре се играат преостанатите два четвртфинални дуели меѓу Алжир – Нигерија и Египет – Брегот на Слонова Коска. Победникот од дуелот мешу Алжир и Нигерија ќе игра против Мароко, додека Сенегал за ривал во полуфиналето ќе го има подобриот од дуелот меѓу Египет и БСК.

