Репрезентацијата на Венецуела ја направи една од најголемите сензации во историјата на футсал откако во осминафиналето на Светското првенство во Узбекистан ја елиминираше Шпанија. Јужноамериканската репрезентација победи со 2:1, оставајќи го во неверување некогашниот двократен светски првак.
Венецуела поведе со голот на Вилјалобоса во 13-тата минута, а Шпанија израмни на почетокот на второто полувреме со погодокот на Гомес. Кога многумина чекаа Црвената фурија да го комплетира пресвртот, се случи шокот. На една минута и 20 секунди до крајот, Карен постигна фантастичен гол за водство на Венецуела од 2:1. Шпанија потоа немаше време да се врати во игра за да израмни.
За тоа колку голем фаворит беше Шпанија, покажуваше и коефициентот во светските обложувалници, каде што за триумф на европскиот гигант квотата беше 1.05, додека за триумф на Венецуела, квотата беше 15.
Во четвртфиналето Венецуела ќе игра против Украина.