Сензација во првото коло на Ролан Гарос, Ѓоковиќ немаше проблеми (Видео)

Новак Ѓоковиќ без многу проблеми се пласира во второто коло на гранслем-турнирот Ролан Гарос откако без многу мака со 3:0 во сетови го победи Американецот Мекензи Мекдоланд.

Во првиот сет клучниот момент се случи во шестиот гем, кога Ѓоковиќ направи брејк и поведе со 4:2, па на крајот искусниот тенисер без многу драма стигна до 6:3 и водство од 1:0 во сетови.

Во вториот сет, Ѓоковиќ успеа уште на стартот да освои гем на сервис на противникот и поведе со 2:0. Интересно е дека при резултат 3:2 за Ѓоковиќ, на сервис на Србинот, Мекдоналд имаше водство од 40:0 и три брејк-топки, но некогашниот најдобар тенисер успеа да ги спаси и не дозволи брејк, па Новак поведе со 4:2. Од тој момент до крајот на сетот имаше три брејка од двете страни, што значи дека Ѓоковиќ го доби овој сет со 6:3.

Во третиот сет имаше само еден брејк и тој беше клучен. При водство на Ѓоковиќ од 3:2, Србинот го доби гемот на сервис на противникот за 4:2 и до крајот рутински ја одработи задачата за 6:3 и победа во три сета, во меч кој траеше помалку од два часа.

Најголемото изненадување во првото коло го направи Камерон Нори, кој успеа во пет сета да го победи Данил Медведев во меч кој траеше речиси четири часа. Првите два сета ги доби Нори со 7:5 и 6:3, а потоа Медведев беше подобар во следните два, и тоа со 6:4 и 6:1, па мораше да се игра решавачки петти сет. Нори беше подобар во петтиот сет со 7:5 и го испрати Медведев дома.

Според проекцијата, Ѓоковиќ со Медведев можеше да се сретне уште во четвртото коло, што значи дека со овој пораз на Русинот му е олеснат патот на Новак кон ново финале.

 

- Оглас -

Најнови вести