Иако и Маурицио Сари и Кепа Аризабалага тврдеа дека се работи за недоразбирање при испадот кој се случи во финалето од Лига купот, Челзи сепак го казни шпанскиот голман одземајќи му eднонеделна плата, поточно 190.000 фунти.
Кепа одби да биде заменет во последните минути од продолжението против Сити, иако Сари инсистираше во игра да влезе искусниот Кабалјеро за да ги брани пеналите. По неколку минути убедување и надвикување, Кепа остана на теренот и ја бранеше пенал-серијата, во која „граѓаните“ беа поуспешни со 4-3 и го одбранија трофејот.
По мечот и Кепа и Сари посочија дека се работи за недоразбирање, шпанскиот голман уште еднаш се огласи и се извини за непочитувањето на својот тренер.
„Бев среќен што играв во моето прво финале со Челзи и бев задоволен со својот настап. Многу размислував за она што се случи, иако беше недоразбирање, сега сфатив дека направив голема грешка. Лично им се извинив и на Сари и на Вили (Кабалјеро), како и на останатите соиграчи во екипата. Им се извинувам и на навивачите, научив многу од оваа грешка и прифаќам каква било казна што ќе ја одреди клубот“, порача Кепа.
Од таборот на „сините“ потврдија дека целиот износ од одземената плата ќе оди во хуманитарната фондација на Челзи, а што се однесува за неговиот статус во екипата, односно дали ќе биде прв избор на голот во градското дерби против Тотенхем (среда, 21 часот), ќе се дознае утре.