Фудбалската репрезентација на Македонија по синоќешното реми со Молдавија (1:1) ги продолжува подготовките за вториот контролен натпревар кој ќе го одигра во Анталија, Турција, в понеделник против Црна Гора.
Фудбалерите синоќа останаа без победата бидејќи примија гол во финишот, а фудбалерот на Фехервар, Никола Серафимов, смета дека пред настапите во Лигата на нации, мора да се работи на концентрацијата и на фокусот во сите 90 минути.
„Одигравме тежок натпревар, знаевме дека Молдавија не е наивен противник, беше тешко да се пробие тој нивни бедем посебно во првото полувреме. Мислам дека голот го постигнавме на време и на полувреме заминавме со предност. И второто полувреме добро го отворивме, имавме неколку одлични шанси за да дадеме гол, но потоа како по непишаното фудбалско правило, кога нема да се искористат шансите, примаме гол и тоа каков што примивме – еврогол.
Нема зошто да жалиме, овој натпревар не беше за бодови, но знаеме дека нема пријателски натпревари и секогаш се оди на победа, но единствено што можеме да жалиме од тој аспект е што не издражвме до крај и не победивме. Сигурно дека треба да го кренеме нивото на игра во некои сегменти, посебно во концентрацијата и на фокусот во текот на сите 90 минути бидејќи сметам дека кога се држиме до идејата и тактичките замисли на стручниот штаб и ги исполнуваме, тогаш немаме проблем.
Меѓутоа ни се повторува пад на концентрацијата на последните неколку натпревари и токму во тие моменти примаме голови кои не чинеа бодови, а и вчера не победивме на пријателски натпревар“, велли Серафимов.
Македонија в понеделник против Црна Гора ќе го одигра вториот меч во Анталија и според Серафимов, тие се поквалитетен тим од Молдавија.
„Црна Гора е доста поквалитетен противник и не очекува тежок натпревар. Имаме уште два дена да се подготвиме, ќе направиме анализа, ќе направиме тактика и одиме на победа в понеделник“.