Поранешниот играч на Хајдук, Македонецот Драги Сетинов, по ждрепката за квалификациите во Лигата на Европа на која Ренова за противник ги доби сплитските Били, рече дека хрватскиот тим не смее да ги потцени тетовските Гипсари. Во дуелот на македонскиот и хрватскиот тим, Сетинов се изјасни дека ќе навива за Хајдук бидејќи тој клуб му е во срцето.
„Ренова е стабилен прволигаш кој никогаш немал проблеми со договорите и парите, имаат богат сопственик кој работи во градежништво и Хајдук не смее лесно да го сфати противникот, особено што се игра само еден меч, и тоа на гости. Македонската лига е послаба од хрватската, но Ренова е добар тим кој сезонава нема пораз, а на гости го победи ерменски Алашкерт. Немаат ѕвезди, но силни се како колектив“, рече Сетинов.
„Не можам против срцето, сепак Хајдук е мој клуб, роден сум на ист датум како Хајдук точно 50 години подоцна по формирањето на клубот и се разбира дека ќе навивам за Хајдук. Ако се дозволи влез на стадион, сигурно ќе одам, ако не, хајдуковци ќе ги посетам во хотел“, додава Сетинов.