Сезоната на Пандев во пет минути: Единствениот и легендарен Гоче повторно ја спаси Џенова (видео)

Краток филм во чест на Горан Пандев и неговата веројатно последна сезона во кариерата, која ќе се памети по неговиот влез во „клубот 100“ во Калчото. Пандев е еден од ретките странци со 100 гола во Серија А, односно е рекордер со 101 гол меѓу фудбалерите кои играле на Чизмата, а доаѓаат од Балканот.

За Џенова вчера го запиша 165-тиот настап и се прости со победа над Калјари, а во мечот кога го оствари голгетерскиот јубилеј му беше и 150-ти натпревар во дресот на тимот од „Луиџи Ферарис“. Само еден гол паметеше до дуелот против ексклубот Наполи, а потоа заби два против Елмас и дружината. Два гола му сервираше и на Беневенто, додека во претпоследното коло погодуваше од пенал против Аталанта и додаде една асистенција.

Сезоната во која уште еднаш ѝ обезбеди опстанок на Џенова, ја комплетира со седум погодоци и три асистенции. Цела Италија му се поклони на „ил гранде Мачедоне“, со надеж дека по Европското првенство ќе се премисли и ќе има сили за уште еден „последен танц“ во Калчото.

- Оглас -

Најнови вести