Шај со четврта 50-ка за месец и пол најави кандидатура за МВП, но јунакот на вечерта е Кајри Ирвинг (Видео)

Најдобриот тим на Западот во НБА-лигата сезонава, Оклахома сити тандер, со 137-128 го победи Хјустон рокитс, а Шај Гилџиус-Александер даде 51 поен.

За Канаѓанецот ова е четврти меч сезонава (до 22-ри јануари ниеднаш во кариерата немаше дадено 50 поени, а сега на последните 19 меча дури четири пати успеа) на кој дава 50 или повеќе поени и стана 12-тиот играч во историјата на НБА кој го направил тоа, па веќе многумина го гледаат како сериозен противкандидат на Никола Јокиќ за признанието најкорисен играч, особено ако на крајот на регуларната сезона Оклахома биде најуспешен тим во лигата.

Дајсон Дениелс од Атланта хокс му ја „украде“ победата на Мемфис гризлис. При резултат 130-130, Гризлите имаа напад, но Дениелс ја украде топката и ја почна контра која со положување во последна секунда ја заврши Карис Леверт.

Сепак, за јунак на вечерта може да се прогласи Кајри Ирвинг, иако неговиот тим Далас маверикс загуби дома од Сакраменто со 98-122.

Во финишот на првата четвртина, Ирвинг го повреди коленото, а кога тргнаа да го носат кон соблекувалната, се случи нешто неверојатно. Тој побара да го вратат на терен за да изведе две слободни фрлања. Со помош на двајца членови на тимот тој застана некако на пенал-линијата и ги изведе и ги погоди слободните, по што не можеше да продолжи, па пак беше изнесен од теренот и веќе не се врати.

 

- Оглас -

Најнови вести