Шкендија утре во 20 часот го пречекува тимот на АИК од Стокхолм во реваншот од третото квалификациско коло од Лигата на конференциите. Резултат од 1-1 од претходниот дуел значи дека каква било победа на тетовци ќе им обезбеди плејоф во третото натпреварување на УЕФА, за што тренерот Артим Шаќири е оптимистичен.
„Очекувам поинаков натпревар во однос на првиот, сега мора еден тим да победи за пласман понатаму. Нерешените 1-1 не ни играат улога. Целиме на крајот ние да бидеме победниците, без разлика како, прифаќаме и преку пенали да славиме. Добро го познавам противникот од моите две години минати во Шведска, а јас верувам во мојот тим дека ќе ја оствариме целта и ќе стигнеме до плејофот“, истакна Шаќири.
Шкендија досега во пет меча бележи одличен биланс со три победи и две ремија во европските квалификации. Доколку утре триумфира на Националната арена „Тодор Проески“, во плејофот од ЛК тетовци ќе се сретнат со поразениот од двомечот Фенербахче – Словачко.