Фудбалската федерација на Романија, го избриша шампионот од 2016 година, Астра, од списокот на професионални клубови поради финансиски проблеми.
Причина за овој потег на романската федерација се големите долгови од кои произлезе забраната за регистрирање на нови фудбалери пред стартот на сезоната, поради што најголем дел од мечевите досега немаа ниту 11 фудбалери на теренот.
Последниот натпревар го одиграа на 10 октомври минатата година и го завршија во 47-та минута со само шест фудбалери на теренот. Во тие моменти губеа со дури 12:0.
До денеска Астра, беше закована на дното на табелата во третата романска лига без ниту еден освоен бод и со неверојатна гол разлика 0:66.
Астра во последната деценија имаше добри резултати, ја освои шампионската титула во 2016 година, во 2014 година победи во Купот на Романија, додека во 2015 и 2017 година триумфира во романскиот Суперкуп.