Дури 26 случаи на заразени со корона-вирус пријави актуелниот првак на Романија, Клуж, што ја комплицира ситуацијата и во првенството во самиот финиш.
Од нив со позитивни тестови се дури 16-мина фудбалери и десет членови на клубот, што е најголемата бројка во овој период во фудбалска Европа.
Сè почна со позитивниот тест на легендата Дан Петреску, кој е тренер на првакот и моментно второпласирана екипа во плејофот за титулата.
По него имаше уште пет случаи, а при новото тестирање, во Клуж се појавија рекордни 26 позитивни на ковид-19.
Еден меч што требаше да го играат против Астра е одложен, а нема да се игра ниту мечот со Ботошани закажан за в недела. Тоа ќе влијае и на регуларноста на плејофот за титулата бидејќи Клуж веќе има два одложени натпревари, а не се знае кога ќе се доиграат тие два меча.
Романците очекуваа спектакл за крај и директен дуел за шампионската круна меѓу Универзитатеа и Клуж, но сега и тоа е неизвесно бидејќи сите фудбалери на шампионот се во карантин.
Според планот, првенството треба да заврши до трети август според препораките на УЕФА, што ќе биде невозможно според моментната ситуација со ковид-19 во романскиот шампионат.
Досега рекордот во Романија го држеше Динамо Букурешт со 21 позитивен тест во редовите на гигантот и моментно учесник во плаејаут-лигата за испаѓање.