Минесота тимбервулфс со 112-107 го совлада Оклахома Сити тандер, што за актуелниот НБА првак е втор пораз на последните три меча.
Тандер тргна со 24 победи на првите 25 меча, сега има скор 25-3, и уште се на патот да го стигнат рекордот на лигата од 73 победи на 82 меча во регуларна сезона. Но, сезоната е долга, сега треба да најдат начин како пак да направат победничка серија.
Ентони Едвардс кој имаше 26 поени и 12 скока, во последните 40 секунди погоди тројка за водство на Минесота, потоа покажа дека знае да игра и одбрана, го изблокира Шај Гилџиус Александер (Канаѓанецот даде 35 поени) и украде една топка, па беше човек на одлука.
Сан Антонио спарс беше подобар од Атланта со 126-98 и сега Мамузите со биланс од 20-7, се на трето место на Западот. Виктор Вембањама стана третиот кошаркар (по Патрик Јуинг и Дикембе Мутомбо) во историјата на НБА (откако се води статистика и за блокади, а тоа е од 1973 година наваму) кој на 100 меча по ред има барем по една блокада.
На Њујорк никс му заврши серијата од шест победи по ред. Никси имаа 18 загубени топки против Филаделфија и претрпеа пораз од 107-116. Ова е само втор пораз на Њујорк никс во „Медисон сквер гарден“ сезонава.

