Ширер се згрози од глетката и побара веднаш да се воведе ново правило во фудбалот

Вулверхемптон со 2:1 го победи Арсенал во Лондон, во меч кој ќе се памти по повредите со кои се здобија Давид Луис и Раул Хименес во меѓусебниот судир со главите. Само по четири минути игра, Луис сакајќи да удри една топка, во воздушен дуел буквално го разнесе Хименес и двајцата паднаа на тревата.

Луис помина полесно затоа што за кратко време стана на нозе, лекарите му ја преврзаа главата од која течеше крв и се врати на теренот. Хименес на носилки беше однесен во болница. Целиот прекин траеше повеќе од 10 минути.

Иако продолжи да игра, Луис на полувремето беше заменет затоа што не престануваше да му тече крв. Таквата одлука Луис крвав да игра речиси цело полувреме го налути легендарниот англиски фудбалер Алан Ширер, кој побара воведување на ново правило.

„На фудбалот итно му е потребно будење. Не следната година, не следната недела, туку веднаш. Ова премногу долго трае. Протоколите се лоши. Како е можно Луис да се врати на теренот и да игра иако од главата му течеше крв. Зборуваме за живот и смрт, за можен крај на една кариера. Едноставно треба да биде донесено правило кога играч ќе има потрес на мозок“, жестоко реагираше Ширер.

За разлика од Ширер, тренерот на Арсенал, Микел Артета, беше поумерен и објасни зошто Луис играл до крајот на првото полувреме.

„Давид е добро. Има длабока расекотина на челото, но цело време беше свесен. Направивме тестови и сè е во ред со него. Го извадивме од игра затоа што не можеше да игра со таква глава. Кога го видовме судирот и реакцијата на останатите играчи, знаевме дека нешто не е во ред. Му посакувам на Хименес побрзо да закрепне“, рече Артета.

Хименес доцна синоќа имаше успешна операција на главата.

 

- Оглас -

Најнови вести