Шкендија е опасна по паузите, дерби ќе се игра меѓу Вардар и Работнички

Шкендија е опасна по паузите поради обрските на играчите кон репрезентациите во Лигата на нациите, минатиот пат по една таква пауза Тетовци нанижаа пет победи по ред, а и сега сакаат реприза.

Прв противник по двонеделниот одмор во домашното првенство ќе им биде Силекс, денеска, од 13 часот во рамките на 14-тото коло.

Шкендија има импресивен биланс против Кратовци. Од последните 11 меѓусебни дуели, победи на 10 и има само едно реми со Силекс во периодот од декември 2015 до денеска. Со други зборови, за помалку од 3 години не знае за пораз против трикратниот првaк на Македонија.

Ако Шкендија на повидок има релативно лесна задача со триумф против гостите од Кратово да го задржи врвот, Вардар ќе има сложена мисија да го победи градскиот ривал Работнички и да остане во трката за титулата со тетовци.

На последните 10 меѓусебни дуели двете екипи се победуваа наизменично, а нерешено одиграа само еднаш. Вардар има многу проблеми со финансиите, ситуацијата кај нашиот најтрофеен клуб е нестабилна веќе подолг период, но играчите одлично се држат и се втори на табелата со три бода помалку од Шкендија.

Работнички потфрли досега, има дури 11 бодови помалку од соседот Вардар и пораз денеска ќе значи битка за опстанок, наместо како што се најавуваше пласман на позициите кои водат во европските купови.

Двојки, 14. коло, 13 часот денеска:

Вардар – Работнички, Шкендија – Силекс, Македонија Ѓ.П – Шкупи, Беласица – Ренова, Академија Пандев – Победа.

Табела: Шкендија 31, Вардар 28, Академија Пандев 22, Ренова 19, Победа и Работнички по 17, Македонија Ѓ.П. 16, Шкупи 15, Силекс и Беласица по 14.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести