Македонскиот првак Шкендија успеа да се пласира во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите, откако по продолженија го елиминира велшкиот ТНС победувајќи со 2-1. Победничкиот гол беше постигнат во 116-тата минута и всушност беше автогол на Боденхам по акцијата на Фитон Адеми од десната страна.
Овој триумф над ТНС и пласман во втората квалификациска рунда од ЛШ значи и во најмала рака обезбеден пласман во плејоф-рундата од Конференциската лига, дури и со неуспех против ФЦСБ. Но, секако дека Шкендија ќе игра да направи голем европски резултат ова лето. Мотиви за тоа дава и поразот на ФЦСБ вечерва (2-1) од Интер Ескалдес во Андора. Сепак, романскиот тим се пласира понатаму поради триумфот од 3-1 на првиот меч.
Фабрис Тамба во 18-тата минута обезбеди водство за Шкендија, откако уште во третата минута Љатифи ја погоди стативата.
Сепак, пред крајот на првиот дел, Џордан Вилијамс успеа да израмни на 1-1 во 38-та минута.
Шкендија беше подобар тим во вториот дел од мечот, но не постигна гол, па мораше да се играат продолженија. А таму сепак македонскиот шампион успеа да стигне до целта.