Шкендија го елиминираше Вардар во дербито на осминафиналето од Купот на Македонија. Во реваншот во Тетово, домаќините победија со 1:0 и заедно со ремито 2:2 од првиот дуел во Скопје, Шкендија оди во следната фаза со вкупни 3:2.
Мечот во Тетово беше решен во 74-тата минута, кога беше постигнат и единствениот погодок. Бесарт Ибраими нафрли, а Агим Ибраими непречен од никого, погоди од пет метри. Тој гол на Шкендија значеше дека Вардар во последните 15 минути треба да даде два гола ако сака да оди понатаму, но тоа не се случи.
Работнички не дозволи да биде изненаден од Пелистер и Романтичарите победија убедливо со 4:0 на свој терен. Шкупи оди во четврт-финалето благодарение на голот даден на гости кај Силекс во ремито 1:1. Првиот меч во Скопје заврши без погодоци.
Македонија Ѓорче Петров не успеа да го скрши отпорот на Брегалница и одигра без голови. Тоа беше знак дека по завршување на мечот, ќе се радуваат гостите, кои на првите 90 минути во Штип победија со 1:0.
Струга Трим Лум со голот на Лена во 47-мата минута стигна до победа од 1:0 против Борец и тоа беше доволно за домаќините да се радуваат на место меѓу најдобрите осум екипи.
Резултати од реванш-мечевите: Шкендија – Вардар 1:0 (2:2 по првиот меч), Македонија ЃП – Брегалница 0:0 (0:1 прв меч), Осогово – Академија Пандев 1:4 (0:3 прв меч), Работнички – Пелистер 4:0 (1:1 прв меч), Силекс – Шкупи 1:1 (0:0 прв меч), Струга ТЛ – Борец 1:0 (0:0 прв меч.). * Со болдирани букви се екипите кои се пласираа во четврт-финалето на Купот на Македонија