Македонија за првпат ќе има учесник во лигашкиот дел од најмладото европско клупско натпреварување, Конференциската лига. Шкендија и уште 35 екипи ќе се натпреваруваат во лигашкиот дел, а секоја од екипите ќе одигра по шест натпревари.
Најмногу претставници помеѓу 36-те учесници има Полска, рекордни четири и тоа Легија Варшава, Лех Познан, Јагелонија и Раков.
По две екипи ќе имаат Украина (Шахтер Доњецк и Динамо Киев), Чешка (Спарта Прага и Сигма), Ирска (Шамрок и Шелбурн) и Кипар (АЕК Ларнака и Омонија). Дури 24 земји ќе имаат по само еден претставник. Тоа се Италија (Фиорентина), Холандија (АЗ Алкмар), Словачка (Слован Братислава), Австрија (Рапид Виена), Англија (Кристал палас), Шпанија (Рајо Ваљекано), Германија (Мајнц), Франција (Стразбур), Словенија (Цеље), Хрватска (Ријека), Босна и Херцеговина (Зрињски), Гибралтар (Линколн), Финска (Купс), Грција (АЕК Атина), Шкотска (Абердин), Косово (Дрита), Исланд (Бреидаблик), Турција (Самсунспор), Македонија (Шкендија), Шведска (Хакен), Швајцарија (Лозана), Романија (Универзитатеа Крајова), Малта (Хамрун Спартанс) и Ерменија (Ноа).
Ждрепката за лигашкиот дел од Конференциската лига ќе се одржи во петок, а Шкендија е сместена во петтиот шешир.