Шкендија со 2:0 славеше над Струга Трим Лум во меч од 17. коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Со овој меч во Тетово и дуелот во Кавадарци меѓу Шкупи и Тиквеш (0:5) започна пролетниот дел од сезоната во елитното фудбалско друштво кај нас.
Актуелниот македонски првак Шкендија дури во последните 15-тина минути го скрши отпорот на гостинот од Струга. По првиот дел немаше голови, двете екипи имаа шанси да стигнат до водство, но резултатот беше отворен дури во 78 минута. Ибраими биеше силно, голманот на Струга Ангелати кратко ја одби топката, а тоа го искористија домаќините кои преку Себастијан Спахиу стигнаа до водство од 1:0.
Струга се обиде да израмни, но фактот дека гостите тргнаа поофанзивно во нападот го искористија домаќините, кои во 88 минута со голот на Ндзенгуе погодија за 2:0.
Во вториот меч, одигран во Кавадарци, Тиквеш немаше милост против Шкупи и славеше со 6:0. Тиквеш кој официјално беше гостин на овој меч, уште во првото полувреме даде четири гола и ги реши сите дилеми околу победникот. Садик погоди за 1:0 во 9 минута, а потоа погодуваа и Стојковиќ во 20 минута, Тасев во 23 и Голубов во 45 минута. Во второто полувреме повторно прв погоди Садик, овојпат во 61 минута, а конечниот резултат беше поставен во 76 минута
Шкендија со оваа победа стигна до 39 бодови и останува на третото место на табелата, но сега е само на два бода помалку од денешниот ривал Струга, додека лидерот Вардар има 42 бодови, но и меч кој утре ќе го одигра против Арсими.
Тиквеш стигна до 21 бодови и е на седмото место на табелата, додека Шкупи останува закован на дното со само еден бод.

