Шкупи вчера го најави 24. коло во македонската Прва Лига со победа од 3:1 против Струга и незапирливо чекори кон титулата.
Чаирчани се на врвот на табелата со 58 бода, 13 повеќе од Академија Пандев, па сега останува интересна само трката за Еврпа и за опстанок во Првата лига.
Денеска од 15 часот се играат преостанатите натпревари од 24. коло, а има интересни дуели.
Борец во Велес ќе се обиде со победа да го фати можеби и последниот воз за настап во баражите за опстанок, но ривал им е Македонија Ѓорче Петров, тим што нема првенствен пораз во 2022 година.
Бодовите им се значајни и на Лавовите во битката за европски настап, па се очекува голема битка.
Сличен ќе биде и мечот меѓу Скопје и Шкендија на Автокоманда. Скопје е на 9. место што води во бараж дуелите со некој од второлигашите за опстанок во Првата лига, а шампионот Шкендија е на третата позиција, последна што води во Европа.
Отпишаниот Пелистер ќе и биде домаќин на Брегалница, Ренова го чека Работнички, а Тиквеш ќе ги нагости Академците на Пандев, кои сакаат со победа да останат на второто место.