Шкупи требаше денеска да му биде домаќин на Силекс, а средбата нема да се игра и ќе биде регистрирана со службени 3-0 за кратовци. Шкупи не успеа да најде стадион на кој ќе го игра мечот. Биле договорени да играат во Струмица и имале писмено одобрение од ФК Беласица, но подоцна одобрението било повлечено.
На „Чаир“ нема услови за користење на ВАР системот и затоа не може да играат таму, а најавуваат дека за мечот со Вардар кој им е нареден домашен, би требало да го играат дома.
„Прво, би сакале искрено да им се извиниме на сите наши навивачи за предизвиканите непријатности.
Би сакале јасно да ја објасниме ситуацијата:
- Постигнавме договор со сопствениците на стадионот во Струмица за одржување на натпреварот таму и добивме нивно писмено одобрение (можете да го видите на приложената фотографија).
- Веднаш потоа ја известивме Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а натпреварот е официјално регистриран и потврден во системот.
- За жал, во последен момент сопствениците на стадионот го повлекоа даденото одобрение, создавајќи непотребен проблем за нашиот клуб.
Поради оваа причина ФК Шкупи ќе го однесе предметот на суд и ќе ги следи сите законски процедури.
Што се однесува до нашиот стадион, работите за инсталација на ВАР системот веќе се започнати. Планираме следниот домашен натпревар да го одржиме на нашиот стадион, пред вас – нашите драги навивачи. Во текот на овој процес, се надевавме дека клубовите во Македонија ќе покажат солидарност и разбирање, дозволувајќи ни да одиграме барем еден ‘домашен’ натпревар на нивниот стадион. За жал, не видовме таква поддршка; напротив, нашиот пат стана уште потежок“, стои во клупското соопштение потпишано од претседателот Јасин Коњали.
Шкупи сега гостува кај Пелистер во Битола, а потоа следува домашен натпревар и дерби против Вардар. Ако Шкупи уште еднаш загуби со службен резултат, ќе биде дисквалификуван и еден од трите тима кои ќе испаднат од Првата лига.
Клубот упати и апел до политичките партии да не го користат фудбалот за своите пропагандни цели.
„Упатуваме апел до сите политички партии: Ве молиме, не го користете фудбалот за вашите политички кампањи. Фудбалот им припаѓа на навивачите, играчите и клубовите – не на политиката. ФК Шкупи не е само клуб – тоа е наше големо семејство. Со нашите навивачи, рамо до рамо, ќе ја надминеме секоја пречка и ќе продолжиме напред уште посилно“, вели Коњали.